Педофил се самозапалил и со автомобил удрил во зградата на Основниот суд – Битола

Педофил се самозапалил утрово и со автомобил удрил во зградата на Основниот суд во Битола, затоа што од денеска требало да почне да издржува затворска казна од 10 години за полов напад врз дете.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство, околу 3 часот утрово, 67-годишен битолчанец се полеал со бензин и се самозапалил, па со автомобил во кој имало плинска боца од 10 литри удрил во скалите од зградата на Основниот суд – Битола. Плинската боца не експлодирала.

Судскиот полицаец успеал да го изгасне лицето кое со тешки телесни повреди е пренесено на клиниките во Скопје. На местото на настанот увид извршил надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Битола.

Лицето било осуденик кој денеска требало да започне со издржување казна затвор во траење од 10 години за сторено кривично дело – полов напад врз дете кое не навршило 14 години.

За понатамошниот тек на постапката јавноста ќе биде дополнително информирана.