Интернетот победник на „Црн петок“

Американските трговски куќи и продавници на „Црн петок“ не беа под опсада на купувачи како претходните години, но затоа интернет продажбата процвета, извести Reuters, ден по Денот на благодарноста кога и официјално започнува сезоната на купување пред божиќните празници.

На тој ден сите трговски синџири настојуваат да привлечат дополнителен промет со попусти и посебни понуди, а продавниците се отвораат во раните утрински часови и не се затвораат до доцна навечер, пренесува SEEbiz.

За разлика од претходните години, нема орди луѓе по продавниците и не изби тепачка пред ниеден трговски центар во пет или во шест часот наутро, но поради навалата за online купување, интернет страницата на трговската куќа Macy’s била толку преокупирана што купувачите морале да чекаат.

До четврток навечер на Денот на благодарноста, online потрошувачката на американските купувачи достигна 1,13 милијарди долари, речиси 14 отсто повеќе од минатата година. Во петок до 13 часот, online купувањето достигна 1,65 милијарди долари.

Аналитичарите од Cowen & Co очекуваат пад на прометот во продавниците од 3 до 4 отсто, но и зголемување на интернет прометот до 20 отсто.

Најголеми попусти на „Црн петок“ најави Amazon, со просечен попуст од 42 отсто, потоа  Walmart од 33 отсто, Target од 5 отсто,додека Best Buy намали за 36 отсто.