ВВ „Тиквеш“ исплати над 30% од сумата предвидена за откупот на преземеното грозје во 2016 година

Винарската визба „Тиквеш“ во 2016 година откупи околу 17,5 милиони килограми грозје со вкупна вредност од 263,5 милиони денари и заклучно со 13.12.2016 исплати околу 84 милиони денари што е над 30% од вкупната вредност на откупот.

Со тоа винарницата ја исполни законската обврска која предвидува до 15-ти декември на лозарите да им бидат исплатени 20% од откупеното грозје во тековната година.

„Исплатувајќи ја првата рата пред определениот рок и над предвидениот износ со Законот, ВВ „Тиквеш“ и годинава покажува со каква сериозност и посветеност го градиме партнерскиот однос со лозарите кои ни го предаваат својот род и чијшто приоритет е квалитетот на грозјето. Ова партнерство е еден од столбовите на потенцијалот на винарницата континуирано да создава врвни вина кои ќе се носат со големите предизвици на висококонкурентните светски вински пазари. Ние ќе продолжиме да вложуваме во него и во иднина“, вели генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски.

Партнерството со производителите на грозје е една од стратешките развојни цели и определба на винарницата континуирано да обезбедува исклучиво висококвалитетно грозје за производство на врвни вина. Оваа соработка со лозарите, физички и правни лица, подразбира и стручни совети и нивна едукација за примена на современи агро – технички методи и практики во одгледување и заштита на лозовите насади, со што се креираат услови за производство на грозје со одличен квалитет. На лозарите кои ги почитуваат насоките и упатствата, ВВ „Тиквеш“ им гарантира откуп на грозјето со висок квалитет и обезбедува дополнителен бонус при исплата на тоа грозје.