ТВ СЕРИЈАТА „СЕНКИ НАД БАЛКАНОТ“ ПРЕМИЕРНО НА МРТ 1

Најновата продукција на Скопје Филм Студио, ТВ серијата „Сенки над Балканот“, почнува да се прикажува оваа недела, петти ноември, на првиот канал на Македонската радио телевизија со почеток од 20.45 часот.

Серијата ќе се прикажува секоја недела а репризно ќе се емитува секоја сабота. ТВ серијата „Сенки над Балканот“ е историски трилер со дејствија кои што се одвиваат на почетокот на 20-от век главно во Белград и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија.

Гледано од драматуршки, режисерски и естетски аспект, оваа серија, спакувана на високо продукциско и уметничко ниво, прави голем пресврт и храбар чекор напред нудејќи освежување на актуелната понуда кај нас со нешто сосема ново и налик на играните серии на HBO и Netflix. Серијата по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ е меѓународна копродукција помеѓу Кобра Филм – Србија, Скопје Филм Студио – Македонија и Искра – Русија. Како копродуценти на серијалот со свое учество се вклучија и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а истата е финансиски поддржана од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Останата авторска екипа ја сочинуваат: директор на фотографија Иван Костиќ, сценограф Горан Јоксимовиќ, костимограф Борис Чакширан, шминка Дубравка Вуксановиќ, монтажата е на Лазар Предојев, а музиката на Мањифико. Режисер на осмата епизода која главно се снимаше во Битола и околината е Игор Иванов. Улогите во серијата ги толкува плејада на актери, меѓу кои Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Aлексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.

Снимањето на серијата започна во октомври минатата година, а заврши летово и се одвиваше на локации во Србија и филмското студио Бaранда, а во Македонија – Манастирот Рождество на Пресвета Богородица село Сливница, во селото Буково, битолско и околината на мариовското село Скочивир. „Сенки над Балканот“ беше промовирана на 23. Сараевски Филмски Фестивал, Филмските средби во Ниш, 38. Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“ и 2. Интернационален филмски фестивал КИНЕНОВА. Серијата веќе се прикажува во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Првата епизода во Србија достигна гледаност од 2.123.000 милиони гледачи.