ВИДЕО: „БИТОЛСКИТЕ КАФИЧИ НИЗ ВРЕМЕТО“ – ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ

„Битолските кафичи низ времето“ е новиот документарен филм на Агим Џело, кој беше промовиран  во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ 2017 година, а предизвика огромен интерес кај публиката.

За некои потсетување на животот во кафе баровите во Битола од периодот од 80 те и 90 те години, за други силна приказна за еден посебен град со авангардни луѓе, мисли и најважно – авангардни кафе барови за размена на тие мисли. „Битолчани кои го почувствувале тој дух на градот сигурно не можат да го заборават џагорот кој навечер до доцните часови се слушаше во битолската стара чаршија, од Џуниор, од Рилакс…Да, тоа беше време кога најпосетените кафулиња беа токму во срцето на градот, во чаршијата, со една и единствена цел таа да заживее.

Или пак на други алтернативни места низ градот… како што беше Спектрум, Мадера или пак култниот Висаж…Кога би направиме споредба со сегашноста и метежот од кафулиња на Широк Сокак…чудно е, нели? Овие кафулиња беа симбол на градот, на младите од Битола, гаранција за добра музика…

Ова е само дел од она што можеше да се слушне, види, а најважно од се да се почувствува низ филмот на Агим Џело, кој  ја воодушеви многубројната публика на промоцијата на филмот. Агим Џело во својот обид да ја прикаже убавината на едно посебно време, успеа да направи незаборавна вечер која комплетно наликуваше  на еден дамнешен период, на едно време за какво што раскажуваше.

Заинтересираната публика можеше да се види и пред кафе барот „Порта Џез“, каде што беше филмската проекција, што дополнително потврдува, како што вели Џело, дека битолчани се носталгични по тие златни времиња, особено во времињата кога хит беше да се собираш пред самото кафуле. „Внатре исполнето до последниот простор, а надвор пред него да нема каде да се фрли игла…ете тоа беа времињата на битолската авангарда…