Кирацовски: На 439 вработени во РЕК Битола место на работа им било наредно да одат на митинг

Според извештајот од Трудовата инспекција за кадровските злоупотреби во РЕК Битола на 21 ноември оваа година, на голем дел од вработените им било наложено, наместо на работа принудно да одат на партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа во Охрид, објави дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и јавна администрација Александар Кирацовски.

„ 439 вработени од РЕК Битола, наместо на работа, принудно биле на митинг на ВМРО ДПМНЕ, односно пополниле – околу 10 автобуси. За 361 од вработените, партиските шефови од ВМРО ДПМНЕ, отпосле се труделе да им вадат боледувања, да им потпишуваат слободни денови и одмор, но безуспешно. На неколку пунктови со стотици вработени воопшто не се водела евиденција, што остава сомнеж дека бројот на принудно отсутни е двојно поголем“, додава Кирацовски.

Тој појасни дека во пополнувањето на автобусите за митингот на владејачката партија, учествувала и Агенцијата за привремени вработувања ЗЕТА од која неоправдано отсуствувале половина од вкупно 138 вработени.

„Денес до СВР Битола, лично до началникот поднесувам пријава за истрага во РЕК Битола, заедно со извештајот од Трудовата инспекција, за конечно да се потврди кој ги принудувал вработените, недолжни, наместо на работа да бидат на партиски митинг“, вели тој.

Кирацовски најави посети, како и соодветни пријави за злоупотреби до надлежните за
Агенција за иселеништво на Македонија, Дирекција за заштита на лични податоци, Институт за стандардизација на РМ, Дом за доенчиња Битола, Општа Болница Велес, Центар за јавно здравје Прилеп, Шумска полиција, Македонски Железници, ЈСП Скопје како и за повеќе основни и средни училишта.