Земјоделството е најперспективната гранка во македонската економија, беше речено на прославата на стогодишниот јубилеј од производството на првиот трактор „Џон Дир“. Домаќини на настанот кој се одржа на спортскиот аеродром во Логоварди, беа американската компанија „Џон Дир“, Синпекс-Битола и ЗК„Пелагонија“-Битола.
На прославата присуствуваа бројни гости од градот и државата,стопанственици, банкари, земјоделци кои имаа можност да ја проследат презентацијата и демонстрацијата на решенијата за сателитско наводнување на трактори, како и практичната презентација и демонстрација на комбајн „Џон Дир“.
-Компаниите „Џон Дир“, Синпекс-Битола и ЗК„Пелагонија“-Битола побудуваат интерес во македонското земјоделие како лидери во своите области и можат да претстават новини кои би можеле да го водат земјоделието напред. Токму овие три фирми можат и треба да бидат лидери на прогресот на земјоделската механизација во Македонија, рече на обраќањето генералниот менаџер на Синпекс Битола, Синиша Петровиќ.
Сашо Ефремов, менаџер за продажба на „Џон Дир“ во компанијата Синпекс, се осврна на историјата на американската компанијата, нејзиниот раст и развој, со посебен осврт на производството на првиот трактор „Џон Дир“ во 1918 година.
-Пред точно 100 години господинот Џон Дир ја започнал најуспешната приказна на светот со производството на првиот трактор Waterloo Boy, кој на почеток бил пречекан со скептицизам кај самите потрошувачи, бидејќи имал само 27 коњски сили. Првиот трактор се произведувал цели 7 години. Со текот на времето „Џон Дир“ се зацврстува на првата позиција во поглед на иновативните квалитетни решенија, но и во квалитетот на продажбата. Легендата продолжува, рече Ефремов, напоменувајќи дека Синпекс Битола, како компанија застапник на „Џон Дир“ во Македонија ги воочува, вреднува и применува сите квалитети на американската компанија и ги имплементира и кај вработените во Синпекс.
Синпекс Битола и ЗК „Пелагонија“ повеќе од 25 години имаат заедничка соработка, рече на манифестацијата генералниот директор на земјоделскиот комбинат , Томе Давков.
-Нашите 18 илјади хектари обработливо земјоделско земјиште, веќе се обработуваат со „Џон Дир“ механизацијата која е овде изложена. Во нашата флота веќе имаме над 100 машини, трактори и комбајни. Македонија е земја со плодна почва и бројни сончеви денови, се’ што ви треба е професионализмот ,но и традицијата која низ годините наназат ја негуваат македонските земјоделци. И, се разбира пријателства како ова на ЗК „Пелагонија“ и Синпекс. Само на тој начин нашите и вашите производи ќе го најдат патот до македонскиот и светскиот пазар, рече Давков.
Гостин на прославата беше и амбасадор на САД во Р.Македонија Н.Е Џес Бејли, кој имаше можност на покана на Синпекс, да се увери во квалитетот и достигнувањата на земјоделските машини на „Џон Дир“. Амбасадорот Бејли придружуван од Миле Најдовски, менаџер за пост- продажба во Синпекс, возеше „Џон Дир трактор 8370 R “ со автоматско сателитско управување, а за прв пат влезе и во комбајн.
Во обраќањето пред присутните амбасадорот рече дека македонското земјоделство заслужува висока репутација.
-Земјоделието го гледаме како интересен сектор за вложување во Република Македонија. За инвеститорите Македонија е интересна не само за високата технологија и рударство туку и за земјоделство. Особено е важено присуството на американските компании во македонското стопанство, рече амбасадорот Бејли.
Присутните ужуваа во забавата и закуската под ведро небо.