Столтенберг: Македонската полиција покажа дека може да се справи со ситуацијата

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во понеделникот во седиштето на Алијансата во Брисел најави дека за случувањата во Македонија ќе се разговара и на состанокот на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки и партнери на НАТО, кој ќе се случи во Анталија, пренесува МИА.

Столтенберг, исто така, изјави дека е охрабрен од фактот што сите политички лидери во земјата излегле со јасна осуда на насилство и ги повикал сите да останат смирени, додавајќи дека радува фактот што е избегната ескалација на ситуацијата.

„Македонската полиција беше подготвена да се справи, и таа се справи со ситуацијата, но, за жал, со загуби. Сепак, полицијата докажа дека може да се справи со ситуацијата“, изјави Столтенберг во однос на справувањето со терористичкиот напад.

Генералниот секретар на НАТО додава дека Алијансата ќе го следи развојот на настаните во Македонија и дека преставниците на НАТО во Македонија во следните неколку дена ќе имаат состанок со македонските власти, како дел од редовната комуникација.

„Верувам дека ќе се остварат и блиски контакти меѓу Скопје и Приштина за овој настан. А, во овој дел повикувам на транспарентна истрага за тоа што се случи и да се види како се случи,со цел да се превенира нешто слично да не се случи повторно и да нема повеќе употреба на насилство. Ние ќе продолжиме да работиме со Македонија и во рамки на Акцискиот план за членство (МАП), што го воспоставивме и со кој продолжуваме“, порачува првиот човек на Алијансата./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.