Општина Новаци со пари од ЕУ фондовите во моментот бврши деминирање на патеката Нешева тумба, Лаките која се наоѓа во реонот на Кајмакчалан. Активноста започна на почетокот на месец јуни а се очекува да заврши до крајот на месец јуни или почетокот на јули.
„ На територијата на општина Новаци има многу неексплодирани убојни средства од Балканските војни и Прва светска војна,особено на оваа локација кај Кајмакчалан каде врвела линијата на т.н Солунски фронт. Во моментот се врши детектирање на истите и нивно отстранување од теренот а потоа и уништување или депонирање во просториите на Дирекцијата за заштита и спасување. “ вели Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.
Деминирањето се врши на местото каде ќе се обележува туристичка патека заради безбедност на туристите.
„Досега се најдени околу дваесеттина неексплодирани убојни средства и тоа најчесто артилериски гранати, рачни и авио бомби. Ваквите НУС имаат голема експлозивност и убиственост па затоа претставуваат закана и треба да се отстранат.Посебно голема опасност претставуваат при појава на шумски пожари па заради нивното експлодирање од топлината се оневозможува активирање на човечкиот фактор при гаснење. “ вели Горѓи Стефановски, деминер.
Патеката Нешева тумба – лаките се наоѓа на југо-исток на 53 км од Новаци на надморска висина од 1100 метри во должина од 3200 метри и ширина од 10 метри или вкупна површина од 32 000 метри квадратни.