Анте Назор: Од овие индивидуалци да направам тим што ќе победува

Анте Назор, еден од најперспективните хрватски тренери и зад кого се многу медали освоени со младинските селекци на европско и светско ниво, ја започна својата мисија во редовите на македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

Назор е третиот тренер од почетокот на сезоната во МЗТ, по Емил Рајковиќ и Александар Јончевски.

Мисијата на Назор во МЗТ е јасна, тој треба од квалитетните индивидуалци да создаде компактна и дисциплинирана екипа.

„Првите два тренинга ми го потврдија тоа што го знаев и пред доаѓањето во Скопје, а тоа е дека на располагање имам исклучителни поединци, на кои, сепак, им недостасува хемија, но и одредена доза на пожртвуваност и на дисциплина. Ова се работи кои веднаш им ги посочив на играчите и им напоменав дека во следниот период ќе работиме напорно на нивно подобрување, со цел што е можно побрзо сето ова да го преточиме во тимски квалитет. Гледам дека има голем простор за напредок, нормално со напорна работа на сите што се дел од тренажниот процес“, вели во мини интервјуто за клупската интернет страница тренерот Назор.

Според него, досегашните резултати не се одраз на вистинските можности на овој тим на македонскиот шампион.

„Моја задача е директно да влијаам врз овој проблем, но и кошаркарите мора самите, преку капитените Симоновски и Лалиќ, да најдат начин како да се излезе на вистинскиот пат. Клучот е во тоа што сите ние треба да дишеме како еден, да нема никаква разлика меѓу нас и покрај фактот што доаѓаме од различни држави и што сме од различни националности. Ова сега е наш тим, за кој во секоја секунда мора да се бориме на паркетот. Кога ваквата свест ќе се разбуди кај играчите, тогаш сум сигурен дека ќе дојдат и многу подобри резултати“.

Назор дебито ќе го има следната недела, кога МЗТ Скопје Аеродром ќе ѝ гостува на Игокеа, а три дена подоцна го очекува и првата обврска во Еврокупот, против Цедевита во „Домот на спортовите“ во Загреб.