„Архаичниот“ Изборен колегиум го избира Трaмп за претседател, можен ли е пресврт

Иако најжестоките критичари Доналд Трамп сонуваат за пресврт во последниот момент, Изборниот колегиум (колеџ), архаичното американско изборно тело, речиси сигурно во понеделникот ќе го избере 70-годишниот милијардер за 45-ти претседател на САД.

Неговите бројни противници ваквиот изборен систем го сметаат за потсмевање на чесниот принцип „еден човек, еден глас“, иако за волја на вистината досега никогаш не се огласиле за промена на сложениот американски изборен систем. Но независните критичари велат дека ваквиот начин на избор ги поттикнува кандидатите кампањите да ги сведат само на неколку клучни сојузни држави и да го игнорираат поголемиот дел од САД. Меѓутоа, и покрај бранот критики, кои и не се само од овој момент, ниеден обид за реформи на изборниот систем не успеа.

Кога на американските избори 8-ми ноември гласаа за претседател, не го всушност избираа директно. Го избраа 538 „електори“ кои се задолжени нивните желби да ги преточат во стварност. Трамп освои јасно мнозинство од изборните електори – 306, иако за околу два до три милиона гласови заостана зад Хилари Клинтон во вкупниот број гласови, или за два отсто повеќе. Слично сценарио се случи во 2000 година кога Џорџ В. Буш стана претседател, иако Ал Гор имаше повеќе гласови на национално ниво или popular vote.

Електорите во понеделникот ќе се соберат во сите 50 сојузни држава и во главниот град Вашингтон, кој е засебна федерална единици, за службено да ги изберат претседателот и потпретседател.
Можен ли е пресврт?

Меѓутоа, прашањето е дали електорите може да донесат пресврт? Овој чекор во изборниот процес, инаку чиста формалност, е вратен под лупата на јавноста по извонредно жестоката кампања.

Историските, електорите ретко ѝ пркоселе на волјата на избирачите во нивните сојузни држави, А кога тоа било случај, нивното преминување во противничкиот табор не влијаел на конечниот исход од претседателските избори. Сепак, некои демократи кои Доналд Трамо го сметаат за „егзистенцијална закана за американската демократија“, се фаќаат за сламка во надеж дека неколку десетици републиканци можеби нема да сакаат да гласаат за кандидатот на нивната партија. Но и доколку се случи тоа, изборот на претседателот би минал во надлежност на Претставничкиот дом во Конгресот, во кој републиканците имаат убедливо мнозинство.

Интернетската петиција со која електорите се повикуваат да се откажат од Трмап собра пет милиони потписи. Холивудските ѕвезди, како Мартин Шин, на пример, кој го толкуваше претседател Бартлен во серијата „Западно крило“, неодамна објавија и видео со повик до електорите да го сторат тоа. „Имате позиција, овластувања и можност да влезете во историјата како американски јунаци кои ќе го изменат текот на историјата“, велат ѕвезди обраќајќи им се на електорите.

Но шансите за тоа се речиси еднакви на нула. Нема никакви индиции дека 37-те републикански електори имаат намера да гласат против Трамп. Досега, само еден од нив, Кристофер Сапрам, од сојузната држава Тексас, јавно објави дека ќе ја промени страната.

Идниот шеф на персоналот на Белата куќа, Рејнс Прејбас, изјави во неделата за телевизиската мрежа Fox News дека притисокот врз Изборниот колегиум „само зборува за демократите, кои не можат да го прифатат изборниот пораз“. „Уверени сме дека сето тоа ќе мине мазно“, додаде.

Конечниот исход можеби нема да биде познат во понеделникот, бидејќи државите имаат неколку дена да ги достават своите резултати. Конгресот, во секој случај, победникот ќе го објави на 6-ти јануари, две седмици пред инаугурацијата.

Изборниот колегиум е застарена и недемократска институција

Одговарајќи на прашањето на прес-конференцијата пред да замине на одмор на Хаваи, претседателот на заминување Барак Обама призна дека изборниот систем е „отпечаток од раните визии за тоа како би требало да работи нашата федерална влада“, но додаде дека обично резултатите од Изборниот колегиум (колеџ) и гласањето на избирачите на национално ниво се совпаѓаат „кога се испраќаат вистинските пораки“.

Дејвид Позен, професор на правниот факултет на универзитетот Коламбија, гледа една добра работа во сето тоа. „Ќе го привлече вниманието на тоа дека е итно потребна реформа. Изборниот колегиум е една застарена и фундаментално недемократска институција“, вели за AFP.

Во ноември 2000 година, тогаш сенаторката од Демократската партија, Хилари Клинтон, повика на изборна реформа којашто би резултирала со непосредно општо право на глас. Најверојатно имајќи предвид дека традиционалната демократска гласачка база, како латиноамериканските и азиските доселеници ќе биде многу скоро доминантна. Но потоа стивнаа ваквите нејзини заложби.

Доналд Трамп, исто така, како и за многу други нешта радикално го промени своето мислење. Така, медиумите деновиве го „извадија“ неговиот твит од ноември 2012 година во кој вели „Изборниот колегиум е катастрофа за демократијата“. И наспроти тоа укажуваат на неговата објава на сервисот за микроблогирање од овој ноември – „Изборниот колегиум, всушност, е генијална работа која на сите наши држави, големи и мали, им дава важност“.