Последниот советски претседател Михаил Горбачов, и добитник на Нобеловата награда за мир во 1990 година за реформите кои доведоа до крајот на тогашната идеолошка блоковска Студена војна, 25 години по распадот на Советскиот сојуз вели дека не ја трга од себеси делумната одговорноста за тогашните случувања.
Во статијата објавена во средата на интернет страницата на дневниот весник Росискаја газета, Михаил Горбачов вели дека во контекстот на познатите од неговиот период „перестројка и гласноста“ републиките од тогашниот СССР почнале да бараат реално исполнување на нивниот суверенитет, и реформирањето, осовременувањето на Советскиот сојуз, според него, било неопходно и можно.
„Со задоцнување, но ние сепак тргнавме по тој пат. Доколку сите учесници во тој процес покажаа одговорност, тогаш, убеден сум, тој ќе дадеше резултат: ќе имавме силни, навистина суверени републики и силни, ефикасни центри, активни во нивните заеднички интереси. Но не успеавме да ја решиме таа задача. Не го намалувам својот дел од одговорноста. Но мојата совест е чиста“, пишува Горбачов.
Додава дека „застанал во одбрана на Сојузот до крајот, постапувајќи со политички методи“.
„Но сите ли ја преземаа на себе одговорноста? Не. Не можам да не кажам за улогата на тогашното руско раководство. Со усвојувањето на Декларацијата за државниот суверенитет на РСФСР (подоцнежната Руска Федерација) во 1990-та и одлуката на Врховниот совет (владата) за усвојување на Беловешкиот договор во декември 1991 година, тоа стоеше на сосема деструктивно позиција“, смета поранешниот претседател на СССР.
Натаму Горбачов пишува дека и во моментов е убеден дека по августовскиот пуч, кога републиките ги донесоа декларација за суверенитет и независност, било можно со повеќето од нив да се договори формирање сојузно конфедерална унија. Преговорите биле тешки, но нацрт договорот веќе бил подготвен, потсетува Горбачов.
Повторно истакнува дека не можела да се употреби сила за зачувување на тогашниот СССР.
„Политичките средства, методите на убедување беа исцрпени. Дали беше по тоа потребно да се употреби сила? Последните години тоа прашање сé почесто се поставува. Како и тогаш, и сега сум убеден дека тоа не можеше да се стори. Мирисаше на пожар во голем дом, или едноставно – на војна. На таков ризик во земјата преоптоварена со проблеми, конфликти, оружје, не беше возможно да се оди“, заклучува последниот советски челник.
Ваквата идеја за зачувување во некоја форма на поранешниот СССР, Гобрачов кого инаку многумина го обвинуваат токму за растурање на советската држава, ја пласираше и во поранешни разговори за медиумите, сметајќи дека земјите произлезени од поранешниот Советски сојуз би можеле до формираат нов „доброволен“ сојуз во поранешните граници.