Обама го контактирал Путин за хакерите преку „црвениот телефон“

Американката телевизиска мрежа NBC, повикувајќи се на високо позициониран избор, пренесува дека американскиот претседател Барак Обама во пресрет на ноемвриските претседателски избори го користел ткн „црвен телефон“, директната врска меѓу Белата куќа и Кремљ за да го предупреди рускиот колега Владимир Путин за наводните хакерски напади врз компјутерските системи на Демократската партија и нејзините институции и да не се меша во изборниот процес во САД, за што американски експерти ја обвинуваат Русија.

Според сознанијата на телевизијата, најмалку еден од високите советници на Барак Обама бил упорен во препораките да се поврзе со Владимир Путин во врска со хакерските напади врз американските политички институции. Во прилогот на NBC се истакнува дека американскиот челник не сакал да ја влошува и онака напнатата ситуација и повторно ја предупредил Москва за последиците од мешањето во претседателската кампања, при што првпат го употребил терминот „вооружен конфликт“.

„Меѓународното право, вклучително и законите кои се однесуваат на вооружените конфликти, се однесуваат и на активности во сајбер просторот“, се наведува во пораката којашто ја испратил американскиот претседател на 31-ви октомври. Според NBC, Обама истакнал дека САД ќе ги проценат активностите на Русија врз основа на овие стандарди.

Од Белата куќа потврдиле дека Обама го користел ткн „црвен телефон“. Според претставник на американската администрација, била испратена порака којашто дала резултат бидејќи на денот на изборите 8-ми ноември „ништо не се случи“.

Коментирајќи ги овие медиумски извештаи, портпарол на Крем, Дмитриј Песков изјавил дека „тоа е обичен затворен систем на врска, кој шефовите на државите го користат за телефонски разговори“, пренесува агенцијата ТАСС. Според него преку таа линија се воделе сите досегашни разговори меѓу двата претседатела.

Песков потврдил дека Обама во текот на повеќето разговори повеќепати го споменувал проблемот со кибернетичките напади наводно од руски хакери.

„Но секогаш, за жал, ние не можевме да добиеме никакви повеќе или помалку разумни објаснувања за тие обвинувања, никакви факти, конкретни нешта или што и да е друго. Така сите овие тврдења, се разбира, се апсолутно неосновани и не се поткрепени си никаков аргумент“, рекол Песков.

Додал дека во Кремљ сметаат оти односите меѓу Русија и САД се во „тажна состојба“, придружени од „краен степен на недоверба“.

„Крајно ниското ниво на меѓусебна доверба за жал ги карактеризира нашите односи, кои се во многу очајна состојба. И претседателот Путин постојано се залага за излегување од таквата ситуација“, одговорил портпаролот на Кремљ.

„Црвениот телефон“ е систем на комуникација за итни случаи кој се користи за време на кризи како терористичките напади од 11-ти септември 2001 или инвазијата на САД во Ирак во 2003 година. Тоа не телефон во буквална смисла, туку систем дизајниран за испраќање во прв ред електронски пораки.