Пиштолот со кој Верлен го рани Рембо продаден за 434.500 евра

Пиштолот од кој францускиот поет Пол Верлен го рани својот љубовник, поетот Артур Рембо во јули 1873 година во Брисел, е продаден на аукција во Париз за 434.500 евра.

„Пиштолот е продаден за 434.500 евра, вклучувајќи ги и трошоците“, изјави во среда вечер за Франс прес неименуван портпарол на аукциската куќа „Кристи“.

Оружјето од марката „лефошо“, кое тогаш било популарно, има дрвена дршка и шаржер за шест куршуми со калибар од седум милиметри.

Аукциската куќа веруваше дека пиштолот ќе биде продаден за 50 до 60 илјади евра.

Купецот чиј идентитет не е соопштен, лицитирал преку телефон. Родниот град на Рембо, се откажа од купување откако цената се покачи за време на лицитацијата.