
Коалицијата ВМРО за Македонија, во понеделник, официјално ја започна својата кампања, од „местото коешто ги буди најновите, најболни сеќавања во македонската историја, таму каде што лежи споменикот на бранителите коишто последни загинаа за оваа држава“.
„Една од основните работи за коишто ние како Коалиција ќе се залагаме е и правата на македонските бранители, коишто последни го дадоа својот живот за својата татковина, но и за воените инвалиди коишто до ден денес имаат нерешени прашања и за сите други бранители коишто иако останаа живи и неповредени, трпат трауми, посебно се чувствуваат непочестени од сопствената држава, бидејќи раководството на државата не најде за сходно да се заблагодари за одбраната на татковината“, рече Стојанче Ангелов лидер на Достоинство.
„Но, нашата намера не е од овој споменик да ја почнеме нашата маркетиншка кампања. Овој споменик само да потсетиме да не се случи заборав, да не се случи мемороцид, затоа што во нашава држава меморијата ја нема кога треба да се напишат нови страници од нашата македонска историја“, рече Љубе Бошкоски, лидер на Обединети за Македонија.
„Ние тргнуваме во предизборна кампања и сакаме да ги повикаме сите граѓани на Македонија, и покрај тоа што нашата ориентација е претежно десна, сметаме дека сме доволно отворени, доволно гласни за да можеме да привлечеме гласови и од десницата и од центарот и од левицата, затоа што сметаме дека сме алтернатива во денешниот политички простор во Македонија“, рече Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП.
Тој порача дека сите разочарани од кризата во која ја воведоа Македонија, двете најголеми политички партии, со Коалицијата ВМРО за Македонија има алтернатива.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали е точно дека доколку победи ВМРО-ДПМНЕ би коалицирале со нив, Георгиевски рече дека многу е извесна широка коалиција, но дека тие на изборите настапуваат опозициски и дека
„Оваа опција е за луѓе кои не сакат ни да го видат, ни да го чујат СДСМ, луѓе кои одамна расчистиле со СДСМ во своето политичко и граѓанско однесување, а од друга страна се премногу разочарани од ВМРО-ДПМНЕ и нормално за оние кои се независна структура“, вели Георгиевски.





