
Кандидатска листа во Изборната единица 1 на здружената коалиција предводена од СДСМ треба да освои двојно повеќе мандати отколку листата на ВМРО-ДПМНЕ, со што широко ќе се отворат вратите за победа на коалицијата предводена од СДСМ на територијата на цела Македонија, смета носителот на листата Стево Пендаворски.
„Овдека се сите заедно со мене, 20 кандидати за пратеници. Меѓу нив нема ниту еден кој е случајно на таа листа, напротив, станува збор за луѓе кои имаат свои лични, професионални и политички референци. Најголемиот дел од нив македонската јавност ги знае така што нема ниту една причина ниту еден човек кој е на оваа листа да се срами.
Она што е посебна специфика на овие 20 луѓе на кандидатската листа, за разлика од кандидатската листа на владејачката партија е фактот дека меѓу овие луѓе нема ниту еден што е повикуван на распит во СЈО, ниту пак ќе биде повикуван за евентуални кривични дела бидејќи такви луѓе во нашите редови ние немаме“, рече Пендаровски претставувајќи ги своите колеги.
Најави дека приоритет на новата влада предводена од СДСМ по 11-ти декември ќе биде реформата на неколку централни институции кои се задолжени за правдата и за човековите слободи и права.
„Здружената коалиција предводена од СДСМ по победата на 11-ти декември ќе направи, ќе иницира, ќе спроведе комплетен реизбор на сите судии во Република Македонија затоа што со сотојбата каква што е сега, која сите ја знаеме не смее да продолжи. Имено, не смеат партиските штабови да диктираат судски одлуки, туку судиите мора да судат по устав и закон и таму мораат да бидат луѓе со интегритет, со образ, луѓе кои нема да потклекнат под политички притисок независно од која страна доаѓа“, рече Пендаровски.
Додаде дека имаат намера да го продолжат мандатот на СЈО, да воспостават специјални судски одделенија во сите три инстанци почнувајќи од основниот, па се до врховниот суд кои ќе ги прифаќаат предметите кои СЈО ќе ги процесуира.
„Длабоко веруваме дека на 11-ти декември ќе имаме референдумско изјаснување, прашањето ќе биде дали сте за Македонија или сте за мафијата. Ниту едни парламентарни избори досега немале таква важност за иднината на Република Македонија и по своето влијание кое ќе го имаат за натаму, овие избори можеме да ги споредиме само со референдумското изјаснување на 8 септември 1991 година. Зошто, затоа што на 8 септември 1991 год, гласавме да имаме држава. На 11 декември ние сме убедени дека во доминантен број ќе гласаме да ја сочуваме државата“, заврши Пендаровски.





