Судијата Иван Џолев негира дека бил повикан во Обвинителството, доказите ќе ги достави во Судскиот совет

Судијата Иван Џолев кој поднесе кривична пријава против претседателот на Основниот суд Скопје 1-Скопје, Владимир Панчевски за кривично дело примање награда за противзаконито влијание, негира дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дека до него испратило покана за распит. 

За судијата Џолев е неразбирливо како е можно Обвинителството да не успеало да изврши уредна достава до него за присуство на распит, дотолку повеќе што тој е подносител на кривичната пријава и е сведок – оштетен. Имено, Обвинителството не може да ја отфрли пријавата без исказ на оштетениот Џолев и со тоа да го затвори случајот.

Судијата Џолев не сака да го коментира однесувањето на Обвинителството, но во исто време најавува дека сите докази кои што ги поседува, а се однесуваат на влијанието на Панчевски, ќе ги презентира во понеделник пред Судскиот совет.

Кривичната пријава што Џолев ја поднесе против Панчевски, Јавното обвинителство, во петокот, беше отфрлена со образложение дека претседателот на судот постапил „согласно законот“ и дека тој „се грижел за ажурното работење на судот, па неговите насоки биле со таа цел“.