Иванов од Жбогар побара нов пристап на ЕУ кон Македонија, досегашниот е непродуктивен

Неопходна е потребата од нов пристап на Европската унија кон Република Македонија, посочи во четвртокот во Дојран претседателот Ѓорге Иванов на средбата со шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, словенечкиот дипломат  Самуел Жбогар притоа  истакнувајќи дека досегашниот пристап на Унијата се покажа како непродуктивен и резултираше со ретроградни политички процеси во земјата, наместо унапредување на политичката култура и на реформските процеси.

На средбата се разговараше и за европските интеграции на Македонија, за состојбите со бегалската и мигрантската криза, како и за актуелните политички случувања во Република Македонија.

Во однос на бегалската и мигрантската криза, соговорниците разменија мислења за најавите за нов бегалски бран и можностите за зголемување на безбедносните ризици и закани од насилен екстремизам. Потенцирајќи ја важноста на стабилноста и безбедноста на регионот и Европа, македонскиот претседател ја реафирмираше потребата од пристап до базите на податоци на ЕУ за влез и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, размена на податоци и зголемена соработка меѓу разузнавачките и другите безбедносни служби.

„И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, проактивен и превентивен пристап во справување со мигрантската криза. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници, ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. На Македонија и е потребна помош за да ви помогне вам“, порача претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар.

На средбата претседателот Иванов и амбасадорот Жбогар размениле мислења и за надворешната политика на Македонија во однос на соседните земји и активната улога на Македонија во градењето на регионалната соработка.