Ксенофобичниот Виландер: Само Србите навиваат за Ѓоковиќ

Поранешниот шведски тенисер, кој сега работи како коментатор, Матс Виландер, предизвикал остри реакции со своите коментари за време на финалето на завршниот Мастерс помеѓу Енди Мари и Новак Ѓоковиќ.

Виландер коментирајќи го мечот за телевизијата Sky Sport, рекол дека само неколку стотици Срби сакаат Ѓоковиќ да е прв во светот.

„Никој во светот не сака Новак Ѓоковиќ да биде прв во светот, исклучок се неколку стотици Срби. Никој не сака Ѓоковиќ повторно да победи“, рекол Виландер, за тенисерот кој пет пати, од кои четири во низа 2012-2015 победувал на завршниот Мастерс.

Овој негов коментар предизвикал многу реакции на социјалните мрежи, а навивачите го обвиниле за ксенофобија и побарале од телевизијата да му врачи отказ.

Швеѓанецот е еден од најголемите критичари на Новак Ѓоковиќ, за неговата игра тој речиси никогаш не упатил вистински комплимент. Во коментарот рекол дека Енди Мари е заслужено на врвот, откако го искористил падот во формата на српскиот тенисер.

„Ѓоковиќ долго време беше прв, но дојде моментот кога се случи пад во неговата форма. Кога се ќе се собере останува само Мари. Федерер има 35 години и не сум сигурен дека може да се бори за трофеј на грен слем турнирите, додека Надал може да биде конкурентен, но тешко дека повторно ќе биде најдобар“, рекол Виландер.