НБА: Клиперси ја држат лидерската позиција

Водечките екипи во НБА лигата, Клиперси, Голден Стејт и Сан Антонио забележаа рутински победи во натпреварите кои се одиграа ноќта помеѓу понеделникот и вторникот.

ЛА Клиперс ја предводат лигата со скор 13-2. Клиперси без многу проблеми го совладаа Торонто 123:115. Ударното трио на Клиперси ја обезбеди победата на овој меч Грифин постигна 26 поени, Пол постигна ист број на поени на кои придодаде 12 асистенции, а Џордан оствари двоен ефект од 17 поени и 15 скокови.

Бековската двојка Дерозан-Лаури вообичано постигна најмногу поени за Торонто. Дерозан уфрли 27, а Лаури 25 поени.

Индијана доживее дебакл во дуелот со Голден Стејт 83:120, иако ѕвездите на Вориорс не блескаа на овој меч. Томпсон постигна 25, Кари 22 поени, а Дурент заврши со 14 поени и 11 скокови. Голден Стејт е веднаш зад Клиперси во Западната конференција со скор 12-2.

Ленард постигна 24 поени, а Гасол 16 во триумфот на Сан Антонио над Далас 96:91. Кај Далас се истакна братот на Стеф Кари, Сет, кој постигна 25 поени, додека по 20 уфрлија Метјус и Барнс. Сан Антонио прптив Далас ја забележа 11-та победа во 14-от меч сезонава.

Брилијантен меч во Милвоки одигра Јанис Адетокунбо. Гркот со трипл дабл (21 поен, 10 скока, 10 асистенции) го предводеше Милвоки до победата над Орландо 93:89.

Хјустон победи во Детроит 99:96, Минесота загуби од Бостон 93:99, Мемфис славеше во Шарлот 105:90, Филаделфија славеше против Мајами 101:94, а Вашинготн го надигра Феникс со 106:101.