РФМ: Ракометарките наградени парично, Пепи Манасков во тимот на Червар

Ракометната федерација на Македонија ќе ги награди ракометарките со 10.000 евра за изборениот пласман во баражот за Светското првенство е една од одлуките која е донесена на четвртата седница на Управниот одбор. Исто така на седницата селекторот на машката репрезентација Лино Червар објави дека легендата на Мак ракометот Пепи Манасков ќе биде дел од стручниот штаб.

Женската ракометна репрезентација на Македонија на почетокот на овој месец преку квалификацискиот турнир на Фарските острови избори пласман во баражот за Светското првенство.

Македонија и Австрија од овој турнир во конкуренција на Исланд и Фарските острови изборија бараж, а она што е најважно ракометарките по долга пауза забележаа две победи во кус временски период.

Овој нивни успех РФМ реши да го награди со 10.000 евра. Инаку, ракометарките во баражот ќе играат против Шведска.

На истата седница селекторот на машката репрезентација, Лино Червар, објави дека на стручниот штаб во кој е Илија Темелковски ќе им се приклучи ракометната легенда Пепи Манасков и екс репрезентативецот Александар Јовиќ

Во тимот на Червар ќе се приклучат и Петар Мисовски кој заедно со Ице Соколевски ќе работи како тренер на голманите, односно Иван Теосављевиќ кој заедно со Кристијан Кајчевски ќе биде задолжен за физичката подготвеност на ракометарите.