Симоновиќ и Бјелица го скршија отпорот на Карпош Соколи

Кошаркарите на Црвена ѕвезда славеа над Карпош Соколи 91:70 (16-18, 22-20, 24-16, 29-16),  во последниот меч од 10.коло во АБА лигата. Единствениот непоразен тим во регионалната лига отпорот на Карпош Соколи го скрши во последната четвртина со серијата тројки на Симоновиќ.

Карпош одлично му парираше на лидерот во првото полувреме, со одличниот шут за три поени направи две серии 9:0 и 10:0 и во еден момент имаше предност и од девет поени (19:28).

Македонскиот преставник во АБА лигата на полувреме имаше егал 38:38 и на фаворитот му парираше сѐ до средината на третиот период, кога Симоновиќ и Бјелица иницираа серија 10:0 (62:54).

Конечниот удар Црвена ѕвезда го зададе во последниот период, кога Карпош немаше решенија во нападот и за речиси шест минути постигна само еден поен. Тогаш актуелниот шампион се одвои на 20 поени и го реши победникот.

Милко Бјелица постигна 21 поен исто толку уфрли и Марко Симоновиќ (5/8 тројки) кај победникот, додека Карпош го предводеа Драган Лабовиќ со 16 поени, 6 скока и 4 асистенции, девет поени постигна Мавра, а по осум Пенов и Соколов.

Карпош Соколи во наредното коло го очекува уште еден тежок противник, в сабота во Скопје ќе гостува Цедевита.