Јанкулоска: Петмина македонски херои загинаа денеска за Македонија!

Петмина полицајци загинаа, а 30 се повредени во полициската акција што во сабота беше изведена во Куманово, соопшти вечерва министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Според Јанкулоска, во акцијата загинале полицајците Жарко Кузмановски(1981) од Брвеница, Ненад Серафимовски(1987) од гостиварско Зубовце, Сашо Самојловски(1982) од Брвеница, како и уште двајца припадници кои допрва ќе ги известат, а чиј идентитет не е соопштен.

„Ова се петмината херои кои денеска ги дадоа животите за Република Македонија“, рече Јанкулоска.

Таа во лично име, и во име на граѓаните на Република Македонија, изрази сочувство до семејствата на настраданите полицајци.

„Вечно ќе ја паметиме и храброста на сите останати кои учествуваа во денешната акција и оние над триесетина припадници на специјалните сили кои беа повредени во активностите што ги имавме денес. Сите тие покажаа невидена волја и пожртвуваност за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност и вероисповест“, рече Јанкулоска.

Таа додаде дека сите заедно се бореле против исклучителна терористичка опасност, која била огромна закана за државните институции, но најмногу за мироти и безбедноста на граѓаните.

Шестмина од повредените полицајци настрадале при чистењето на теренот, откако поголема група на терористи одлучила безусловно да се предаде.

„Тоа покажува колку бесмилосни и одлучни во своите намери се овие радикални структури“, нагласи Јанкулоска, при тоа додавајќи дека акцијата на теренот сѐ уште трае и ќе продолжи сѐ додека не биде неутрализиран и последниот терорист.

Таа појасни дека МВР во сабота наутро започнала акција против терористичка група, која, како што рече, сакала да го искористи моментот во кој се наоѓа државата и имала за цел да организира напади врз државни институции.

Групата преку свои помагачи била засолнета и утврдена во кумановската Дива населба.

„За колку сериозна група станува збор, говори и фактот што членовите на истата пружаа жесток отпор дури и после цели 16 часа непрекинато пукање. Фактички беа добро утврдени, ја напаѓаа полицијата со различни фрлачи на гранати, бомби , автоматско оружје и снајпери. Министерството за внатрешни работи одговори соодветно“, рече Јанкулоска.

Според неа, полицијата постапила исклучително внимателно и вложила огромни напори да се спасат евентуални цивилни жртви.

Отпорот на поголем дел од терористичката група бил совладан нешто по 18 часот и првата група од околу дваесеттина лица се предаде.

Јанкулоска на крајот рече дека нема информација за загинати цивили, но дека има сознанија за загинати меѓу терористите, но дека таа бројка не е позната.

„Ситуацијата на терен е сѐ уште високо ризична“, додаде Јанкулоска на предс конференција во МВР. /крај/мф/ст

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.