Операцијата во Куманово завршена, последната група најверојатно е скршена

Според последните информации, откако имаше информации за предавање на група од триесетина лица, дел од поголемата вооружен група против којашто македонската полиција во саботата утрото презема акција во кумановската Дива населба, ноќта сé уште можеле да се слушнат рафални истрели и детонации од правец на населбата Тоде Мендол, но има и информации дека деветчлена група којашто давала отпор веќе е неутрализирана.

Претходно во Куманово се проширија информации дека тресетина лица припадници на групата што Министерството за внатрешни работи ја идентификува како „терористичка“ истакнувајќи бели чаршафи, меѓутоа МВР официјално не излезе со потврда на оваа информација.

Во саботата вечерта преку роднини на семејствата кои се информирани, се дозна идентитетот на тројцата загинати македонски полицајци кои учествуваа во акцијата во Куманово. Станува збор за 32-годишниот Жарко Кузмановски, од тетовското село Брвеница , 32-годишниот Сашо Самоиловски од Тетово, и 28-годишниот Ненад Серафимовски на 28 години од гостиварското село Зубовце. Локални жители од Полошкиот регион велат дека има и други ранети од истите места, не знаат во каква состојба се наоѓаат.

Медиумите на албански јазик пренесуваат дека полицијата ја презела контролата на критичната точка во населбата, како и дека меѓу жртвите има уште еден полицаец и четворица од вооружената група. Според овие информации 22 лица се предале, а од групата којашто давала отпор четворица се убиени а еден од нив се самоубил. Претходно беше јавено дека во борбите загинал и командантот на УЧК-ОНА, Фадил Фејзулахи./крај/мф/сн

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.