МВР: Извршен е терористички напад во Куманово

Извршен е терористички напад во Куманово, рече во сабота помошникот министер за внатрешни работи Иво Котевски.

 

„Информациите до кои дојдовме деновиве укажуваа на тоа дека групата влегла илегално во Република Македонија од една соседна држава и преку свои поддржувачи се засолнила и утврдила, подготвувајќи се за идните терористички напади“, рече помошникот министер Котевски.

Додаде дека надлежните служби при министерството ја лоцирале групата во кумановската „Дива населба“, односно во неколку куќи во населбата.„ Сознанијата говореа дека станува збор за група која е добро вооружена и обучена за борба во вакви услови“, истакна полицискиот портпарол.

Котевски информираше дека врз основа на претходните информации бил изготвен план за постапување и формиран штаб кој ги координира активностите. Околу 5 часот во саботата наутро, специјалните единици ја започнале реализација на планот и притоа наидоа на „жесток отпор од терористите кои ги нападнаа со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата“.

Во моментов сé уште се во тек активностите на теренот.

„Станува збор за специфично подрачје со тесни улички и голем број куќи кои се збиени што преставува дополнителен ризик за полициските единици кои дејствуваат на терен. Полицијата, поради спецификите на теренот напредува тактички и мора да врши претреси во сите околни куќи заради безбедносни причини“, дополни Котевски.

Според него, станува збор за добро вооружена група која извршила напад од автоматско оружје и со бомби.

„Граѓаните да останат мирни и да не наседнуваат на провокација“, рече Котевски. Додаде дека засега министерството нема да објавува повеќе информации, вклучително и за бројот на настрадани, и оти во подоцна во текот на денот ќе бидат сооптшени детали од настаните.

Според првичните неофицијални сознанија, станува збор за добро вооружена група меѓу 50 и 70 лица, која е распоредена во цивилни куќи во кумановската ткн Дива населба, каде претежно живее албанско население.

Оваа група, наводно, имала цел да нападне касарна, полиција и суд, како и други институции на државата, а била лоцирана пред два дена кога граѓани приајвиле присуство на униформирани лица без ознаки. Во саботата пред 5 часот наутро специјалните сили на македонската полиција започнале операција за апсење на лицата, кои во нападот врз полицијаците употеребиле автоматско оружје, рачни гранати и снајперски пушки./крај/мф/ст

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.