НДМ: Груевски и Заев да се вразумат, македонските власти да се обратат до ОН

Народно движење за Македонија(НДМ) изразува длабока загриженост од денешната пресметка во кумановскиот регион помеѓу уфрлена оружена група и македонските полициски сили.

„НДМ бара од Никола Груевски и Зоран Заев како најодговорни за безбедноста и опстанокот на земјата, да се вразумат, и конечно да ја израдуват јавноста заради фактот што за првпат власта и опозицијата ќе постигнат домашно единство кое е најсилната брана против секоја закана“, порачуваат од НДМ.

Според нив, со актуелната длабока поделба меѓу Македонците како резултат на недозволивото превирање меѓу власта и опозицијата за прашањата од највисок државен и национален интерес, всушност е поставена сцената за преземање на терористички акции.

„Истовремено, со оглед на официјална потврда од МВР дека терористичката група е од соседна држава, НДМ смета дека е созреан условот македонските власти во согласност со своето меѓународно правно-признато право (член 34 и 35 од Повелбата на ОН) да му обрнат внимание на Советот за безбедност или на Генералното собрание на Обединетите нации за овие загрозувачки настани по мирот и безбедноста. /крај/мф/ст

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.