Руското МНР изрази загриженост поради инцидентот во Куманово

Руското министерство за надворешни работи изрази загриженост поради состојбата во Куманово, порачувајќи им на сите политички сили во земјата да пристапат кон конструктивен дијалог.

„Со загриженост ги следиме информациите за вооружениот инцидент кој се случи на 9-ти мај во Куманово. Се надеваме дека во најскоро време состојбата ќе биде нормализирана, а сите околности ќе бидат темелно истражени“, порачуваат од руското МНР.

Руското МНР исто така ја повика меѓународната заедница и особено мисиијата на ОБСЕ да придонесат кон конструктивниот дијалог, кој би се водел во институционалните и законките рамки, нешто што би било во најдобар интерес на Македонија и во насока на задржувањето на регионалната стабилност.

Од руското министерство исто така изразиле загриженост поради протестите во изминатите неколку денови, оценувајќи дека постапките на безбедносните силе притоа обезбедиле да се избегне ескалација на насилството. Според официјална Москва, протестите се обиди на невладините организации, поттикнати од западните земји да предизвикаат „обоена револуција“ во Македонија, што може да предизвика етнички тензии во Македонија и соседните земји на Балканот./крај/мф/бс

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.